ДАЛИ СТЕ СЕРИОЗНИ? ПРАШАЛНИК ЗА ПОЧЕТНИЦИ
(Штиклирачка листа по Ричард Смит)
Секција 1
Дали Вие: -
- Имате доволно време да летате птица грабливка?
- Целосно ги разбирате карактеристиките на видот на грабливка која планирате да ја летате?
- Имате доволно простор за соодветно сместување на птицата?
- Имате соодветна локација ( површина на земја) за летање /лов?
(ова варира во зависност од видот на птица).
- Разбирате каква опрема Ви е потребна и како таа функционира?
- Доколку можете да одговорите со ДА на сите горенаведени прашања, продолжете во наредната секција->
Секцијата 2
Пред самата набавка на птицата, мора да имате: -
- Соодветно сместување
- Снабдување со храна
- Дотатоци во исхраната
- Соодветна потребна опрема ( Каишки, врталки, капи, и.тн.)
- Стојалиште
- Ракавица/торба
- Телеметрија (доколку е потребна)
- Прецизна Вага
- Сад за капење
- Конец за тренинг
- Основни вештини за прва помош на вашата птица
Секција 3
Би требало да:
- Ги знаете законите за птици грабливки и лов
- Имате завршено курс,
обука од страна на поискусен соколар – ментор
- Доколку имате птица грабливка, а не одговоривте со ДА на сите овие прашања .......
ПОТРУДЕТЕ СЕ ДА НАПРАВИТЕ НЕШТО ВО ВРСКА СО ТОА!
Дали може да чувате само една птица?
Додека сте почетник може да чувате само една птица. Обично е тоа ветрушка или глувчар.
Дали е во ред за нив да бидат сами?
Да, во природата тие поголемиот дел од времето го поминуваат сами, сем во периодот за размножување.
Дали им станува здодевно?
Птиците грабливки не се како папагалите. Тие не бараат социјална интеракција, играчки и дружење. Всушност тие го прават истото што би го правеле и во природата – го чекаат својот следен оброк.
Во каков кафез се чуваат?
Овие птици не се чуваат во кафези, туку во посебни простории кои се нарекуваат соколарници. Соколарниците треба да се со минимални димензии од 2m x 2m, со стојалишта и сад за капење. Некои соколари преку ден, птиците ги изнесуваат во двор со цел тие да се сончаат и одржуваат пердувите.
Дали се враќаат кога ќе ги пуштите?
Така би требало да функционира. Кога ловат, соколарот ја ослободува птицата и бара дивеч кој птицата би го гонела. Соколарот може да одлучи дека сака да ја смени локацијата или пак да заврши со ловот и тогаш ја повикува да дојде на ракавица. Во случај грабливката да не се врати или пак во случај да е уплашена од страна на некоја поголема грабливка, соколарите користат телеметрија која емитува радио сигнали со чија помош соколарот ја лоцира изгубената грабливка.
Дали птиците некогаш се враќаат во дивината?
Многу од нив да. Многу соколари во светот ловат млада птица грабливка на есен, ја дресираат и ловат со неа до почетокот на пролетта, и потоа повторно ја пуштаат на слобода птицата која е во потполна кондиција. Други соколари ги чуваат грабливките повеќе години, додека не стекнат полова зрелост, за подоцна да ги ослободат во дивата популација да би се размножувале. Некои грабливки ненамерно се враќаат во природата како резултат на силен ветер, избркани од друга грабливка или пак под дејство на миграторните инстинкти. Дури и импринтаните птици кои се изгубени при соколарење, се пронајдени како успешно се размножуваат во природата.
Зошто грабливките се враќаат?
Соколарските птици се тренирани да се вратат по храна. Кога се ослободени за лов, тие се слободни да си одат во дивината, но повеќето се враќаат кај нивниот соколар повторно и повторно. Делумно за тоа да биде така игра улога и дресурата, но голема улога игра и тоа што птицата разбира дека соколарот обезбедува добра и квалитетна храна, безбедно живеалиште и сигурност. Многу соколари пријавуваат случки каде ослободените птици во природата, повторно се враќаат во соколарниците очекувајќи храна уште наредниот ден, некои од нив се враќаат наредната сезона во очекување да продолжат да ловат во средина и со предности кои единствено соколарскиот однос може да ги обезбеди.
Дали мора да ги прегладнуваме птиците за да би се вратиле?
Исто како и врвните атлетичари што внимаваат на тоа што јадат и нивниот калориски внес, телесна тежина, мускулна маса, така и соколарите обрнуваат големо внимание на своите птици. Атлетичарот нема да може да даде се од себе и да го искористи својот потенцијал доколку не одржува баланс меѓу внесената храна и дневните тренинзи. Исто така и соколарот мора да ја тренира својата птица дневно да би ја одржувал во одлична кондиција и форма. Грабливката мора да има доволно масни резерви и енергија за успешно да го гони дивечот, понекогаш и со часови. Птица која гладува не може да стори тоа.
Со што се хранат?
Соколарите се стремат да ја имитираат исхраната на птиците грабливки во природата. Своите птици во зависност од видот, ги хранат со глодари, препелици, гулаби, пилиња, зајци и говедско месо. Убаво балансираната и разновидна храна понекогаш е и обогатена со витамински и минерални додатоци.
Дали грабливките се тренирани да Ви го донесат уловот?
Обично тие не го носат уловот кај соколарот. Птиците се дресирани да го следат соколарот додека тој се труди да го пронајде дивечот. Откако дивечот ќе излезе од скривалиштето птиците го ловат и доколку се успешни во ловот се фокусираат на тоа да не им избега. Работа на соколарот е да ги пронајде и доколку дивечот сеуште не е совладан да им помогне.
Дали сами ја одгледувате храната?
Некои соколари сами одгледуваат гулаби, пилиња, препелици, зајци или глодари за храна. Оние кои ги немаат таквите услови ги хранат своите грабливки со пленот кој тие сами го уловиле или им даваат претходно снабдена и замрзната храна.
Дали некогаш се користи ут во соколарството?
Утот понекогаш се користи во соколарството, но не ефективно како другите традисионално соколарски видови грабливки.
Што прават на студот?
Тие го прават истото што би го правеле и дивите птици во природата. Соколарот е должен да им обезбеди место вон промаја и директна изложеност на дожд и снег.
Дали може да ловат преку целата година?
Птиците можат да ловат преку целата година, исто како и во природата. Типично соколарите со крајот на ловната сезона која е одредена со закон, своите птици ги ставаат во соколарниците како овие би се митареле. За време на митарењето птиците се хранат и се оставаат на мир, како би ги замениле старите лански пердуви во нови отпорни и поубави кои ќе им служат во наредната сезона. Кога ќе заврши митарењето и ќе дојде наредната ловна сезона, грабливките повторно може да ловат.
Дали моите мачки се во опасност?
Мачките може да бидат во опасност, но и самите да представуваат опасност. Ако грабливката Ви е дома, а мачката дојде преблиску, дефинитивно може да има опасност по мачката. Од друга страна доколку дворот или пак соколарникот не се добро обезбедени, исто така е можно да се случи и обратното. Угризите и гребаниците од мачки може да носат сериозни инфекции, така што ако самата рана не е опасна, секундарната инфекција би можела да биде.
Кој е негативниот импакт од соколарствгото?
Во сите досегашни студии е покажано и докажано дека соколарството нема негативни влијанија врз дивите птици грабливки, напротив докажано е спротивното. Соколарството има позитивни ефекти. Токму соколарите се оние кои први ги започнаа проектите за размножување и реинтродукција во природа на сивиот сокол, Falco peregrinus. Грабливците во природата се соочуваат со многу висока стапка на морталитет. Постојат “природни” случаи на морталитет како последица од други грабливки, канибализам, инфекција, повреди, паѓање од гнездо и др. Постојат и “неприродни” причини за морталитет како на пр. удар од струја, отров, несреќи и одстрел. Повеќето птици кои умираат никогаш не се пронаоѓаат и служат како алка во синџирот на исхрана. Како и да е, повеќето студии за популации на грабливки, имаат слични заклучоци. Во периодот од 12 месеци по испилувањето 70-90% од испилените грабливки умираат. Од останатите 10-30% кои ќе го преживеат својот прв роденден, повеќето ќе угинат како резултат на други грабливки, гладување или други природни причини.
Споредбено, птиците кои се земени од природата за соколарство често влегуваат во проекти за размножување, уживаат добро здравје и медицинска грижа, и повеќето се пуштаат повторно во дивината по неколку години – со подобро здравје одколку кога биле уловени и на возраст кога може да се размножуваат во природата. Позитивниот импакт кој соколарите го имале во напорите за заштита на грабливките е непроценлив. Многу познавања околу однесувањето, живеалиштата, природната историја и екологијата се доведени на светлина токму од оваа високо посветена заедница.
Колку време ми е потребно за да чувам грабливка?
За почетното тренирање доволно ќе бидат неколку часови дневно. Ова може да трае од неколку недели до еден месец, понекогаш и повеќе. Кога веќе еднаш птицата ќе ги совлада основните лекции на тренингот, може да одите на лов. Ова може да биде целодневна активност или пак во траење од неколку часови, еднаш неделно до три пати неделно. Што почесто толку подобра ќе биде птицата. Во деновите кога не одите на лов интеракцијата со грабливката може да биде многу кратка. Мерење на тежината, промена на вода во садот за капење, генерална проверка на состојбата птицата и хранење. Се на се околу 20 минути. Ова се секојдневни активности околу птицата и во случај да треба да отсатствувате или да одите на пат, одмор и слично, многу малку луѓе се оние на кои би им ја довериле одговорноста, да се грижат за вашата птица. Секој ден мора да размислувате однапред, да одмрзнете храна, и да бидете интерактивен со птицата. По ретко, ќе треба да го чистите соколарникот, обезбедувате храна, правите соколарска опрема, патувате до ветеринарот на рутински проверки, и да одите на соколарски состаноци.
Многу луѓе не се во можност да имаат грабливка во моментот поради работни или семејни обврски, патувања, локација или други посветености. Многу малку соколари се оние кои ќе се сложат дека го практицираат соколарството на начин на кој тие би сакале. Има случаи каде соколарите имаат други обврски ( семејство, работа ) на кои се посветува време, немаат соодветен терен со дивеч, или едноставно не се во можност често да излегуваат во природа. Но, има и многу заљубеници во соколарството кои и покрај горенаведените потешкотии и обврски наоѓаат време и се доста успешни. Можно е да се потребни одредени одстапки, а соколарите се одлични во тоа.
На соколарството му се потребни подржувачи, и тоа што е можно повеќе. Ако не сте во можност да станете соколар сега, зачленете се во соколарско здружение каде ќе запознаете луѓе кои се соколари и кои ќе Ве научат многу работи во врска со птиците грабливки и со соколарството.
Што е најтешкото нешто во соколарството?
Ова прашање ќе има различен одговор за секоја личност индивидуално. Некои луѓе имаат многу финансиски препреки, други имаат премногу обврски и немаат време да излезат во природа. Некои урбани соколари имаат проблем да пронајдат соодветно земјиште со дивеч, каде би го практикувале соколарството. Многумина од нас поминуваат и по еден час возење додека да стигнат на соодветно и безбедно поле за кучињата и за птиците кое би имало и веројатност да е населено со дивеч. Најтешкиот дел за повеќето почетници е лоцирањето на полињата и дивечот. Секојдневната експанзија на урбаната средина ги намалува површините кои се безбедни за соколарење.
Доколку сум поканет/а на соколарење има ли одредени правила кон кои треба да се придржувам?
Иако нема одредени строги правила како на пр. во ловот со оружје, при соколарењето има одредени моменти на кои треба да се внимава.
-Никогаш не ја допирајте соколарската птица без претходна дозвола.Опасно е за Вас и ја вознемирува птицата. Држете одредена дистанца како грабливката би се навикнала на Вас и вашето присуство. Не приоѓајте се додека не ве повика соколарот.
-Движете се на спротивната страна од птицата, обично соколарите ги носат грабливките на својата лева рака, значи држете се на десната страна од соколарот. Грабливките не сакаат непознати луѓе премногу блиску или зад грбот.
-Избегнувајте да правите врева во близина на птицата. Ова се осетливи суштества и преферираат непознатите да бидат на одредено растојание.
-Во случај птицата да улови нешто, секогаш бидете одалечени и позади соколарот за тој да може да ја најде птицата и да се снајде со пленот.
- Пратете го соколарот кој ќе предводи. Ако навлегува во шума сторете го и вие истото и бидете во близина за да може да гледате.
-Доколку соколарот Ви додаде мамило или уловена дивеч да ја придржите, држете ја вон видното поле на птицата.
-Не носете крзнени алишта кога одите на соколарење. Иако крзнените капи, ракавици и штитници за уши се доста топли и пријатни имајте на ум дека јастребот може да не ја направи разликата меѓу нив и живата дивеч. Набљудувајте го соколарот во полето, гледајте како се однесува со птицата и со кучињата, како работи со соколарската опрема и како и приоѓа на грабливка која има уловено дивеч.
Како да започнам со соколарство?
Првото место да започнете е да го исконтактирате соколарскиот клуб. Видете дали има извесни собири, средби, лов и слично каде би можеле да присуствувате. Посетете што е можно повеќе интернет страници за птици грабливки. На собирите наместо само да поставувате прашања, слушајте ги темите за кои соколарите меѓусебно разговараат, тоа ќе Ви даде една слика за тоа колку време е потребно, темите за кои се дискутира и возбудливаста која може да ја донесе. Најдете свој ментор кој би се сложил заедно да одите на терен, така најдобро се стекнува сликата.
Со среќа!